Триста и осум првачиња од петте основни училишта во Кочани, денеска станаа членови на Детската организација.
На свеченоста што по тој повод се одржа во Центарот за култура „Бели мугри“, тие со јавно ветување се обврзаа дека ќе бидат внимателни и грижливи кон училишните обврски, семејството и кон повозрасните.
Приемот во Детската организација им го честиташе градоначалникот Николчо Илијев.
– Радувајте му се на детството, учете за своите права, но и за своите одговорности. Учете да почитувате, ако сакате да ве почитуваат. Од мали трудете се да помагате и да бидете хумани, зашто само со љубов и толеранција може да градиме мостови на пријателство – рече Илијев.
Градоначалникот ги повика родителите и наставниците, секој во својот домен да даде придонес за хармоничен развој на детската личност, за да може да расте во атмосфера на среќа, љубов и разбирање.
– Учителот, покрај родителите, е суштинскиот фактор за правилен развој на детето. На сите просветни работници им го честитам светскиот ден на учителот и повикувам на разумна и посветена работа, за да изградиме генерации што со знаење и мудрост ќе умеат да се справат со предизвиците – повика Илијев.
По повод приемот во Детската организација, во Центарот за култура „Бели мугри“ беше приредена програма во која со свои точки настапија сите основни училишта од Кочани.