Наскоро се очекува да започнат градежните активности за асфалтирање на улицата „Кресненско востание“ во населбата Усова Чешма во Кочани.

Според стручните служби од Општина Кочани, тендерската постапка е на самиот крај. За изведувач е избрана градежната компанија „Бони интерградба“ од Штип, а по спроведената електронска аукција, за асфалтирање на оваа улица ќе бидат наменети 1.985.500 денари.

– Тоа се над 1 милион денари помалку од проценетата вредност што ќе овозможи да се прошири листата на улици за асфалтирање до крајот на оваа календарска година – вели градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Улицата „Кресненско востание“ е долга 230 м, широка 6 м и ја поврзува „Македонска“ со „13 Македонски корпус“. Во изведбата се планирани машински ископи на земјена маса, дренажа, атмосферска канализација, бетонски рабници и седум сантиметри асфалтен слој.

Во тек се градежните работи за асфалтирање на трите крака од улицата „Вера Которка“, како и на улицата „Ѓорѓи Пулевски“ каде е предвидена изградба на неколку потпорни ѕидови, поставување примарна канализација и приклучоци кон водоводната мрежа.

За асфалтирање се подготвува и патот Крушка – Полаки во должина од 790 м, чија реализација е со средства обезбедени од Бирото за регионален развој и Општина Кочани.