На платото во Трговскиот центар во Кочани, во организација на Владата на Република Македонија беше приредна граѓанска прослава по повод поканата што ја доби нашата држава за членство во НАТО.
– Ова се историски денови за Македонија, затоа вечерва заедно со граѓаните го одбележуваме првиот успех којшто беше стремеж на сите влади од осамостојувањето до денес за поканата и членството на Македонија во НАТО. НАТО не значи само безбедност и сигурност за граѓаните и за државата, НАТО значи извесна иднина, значи економски просперитет, развој, инвестиции, отворање на нови работни места, НАТО особено за Македонија значи многу придобивки за животот на граѓаните – рече во изјавата за медиумите министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.
Николовски истакна дека Република Македонија за само една година направи многу чекори напред и во делот на европската интеграција, доби датум за преговори со ЕУ, а посебно важно е што и Владата, институциите, граѓаните во следниот период ќе бидат цврсто насочени кон имплементирање на реформите потребни за да зјакнување и забрзање на овој процес на развој и на интеграции и во НАТО и во Европската Унија.
– Членството во НАТО и преговорите со ЕУ за македонското земјоделство значат и отворање на нови работни места и на нови фондови, повеќе пари за земјоделците и зголемување на конкурентноста и зголемено производтсво, нови инвестиции, иновации во земјоделството, особено нови фондови и нови пари во целокупниот сектор и во земјоделството и во руралниот развој. Затоа и ние како сектор во следните 12 месеци ќе бидеме цврсто насочени да го имплементираме и Планот 18 каде што имаме конкретни задачи и конкретни реформи коишто треба да ги спроведеме. Затоа сметам дека и НАТО и ЕУ се битни за граѓаните, битни за Македонија, Македонија ја има оваа историска шанса којашто ја создадовме и сме убедени дека граѓаните таа шанса ќе ја искористат – рече Николовски.
На музичката прослава во Кочани, на која настапија Дарио, Кинг Неат Велиов, ди-џеј Мастер Џи и Лепи Џони, присуствуваа повеќе претставници на Владата и градоначалници од Источниот регион.