Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев денеска ја прими амбасадорката на Јапонија, Кеико Ханеда.
– Денеска имавме ретка можност да се сретнеме и да разговараме со амбасадорката на Јапонија, Кеико Ханеда, средба на која ја искажав мојата благодарност за досегашната соработка со Амбасадата на Јапонија. Разговаравме и за проектите во кои можеме да се вклучиме. За нас е многу интересно тоа што тие финансираат проекти во делот на едукацијата, што навистина сметам дека ни недостасува. Имаме можност да аплицираме за проекти што ќе ја подобрат состојбата во училиштата. Очекувам нашата соработка да продолжи со посилен интензитет и со уште поголеми резултати – рече градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
– Чест ми е што се сретнав со градоначалникот Илијев, разговаравме за досегашните донации од кое едната беше поврзана со реконструкцијата на училиштето во Горни Подлог, и искрено се надеваме дека соработката ќе продолжи – соопшти по средбата амбасадорката Кеико Ханеда.
Градоначалникот и амбасадорката на Кочани прошетаа низ Кочани и заеднички присуствуваа на изложбата на јапонска графика што се одржа во Центарот за култура „Бели мугри“.