Министерството за култура на Република Македонија одобри дополнителни средства за реализација на реконструкцијата на Центарот за култура „Бели мугри“.

По барање на кочанската културна установа, а по спроведената електронска аукција од јавната набавка, во која постигнатата најниска понуда е за 437.823 денари повисока од обезбедените финансиски средства, Министерството со допис информира дека може да се измени одлуката и да се дообезбедат средствата потребни за реализација на договорот.

Министерството за култура ќе ги дообезбеди потребните финансиски средства, за што ќе се склучи анекс на договорот.

Со Програмата за изградба на нови објекти и за реконструкција, санација и адаптација на постојните објекти што ги користат националните установи од областа на културата за 2018 година, Министерството за култура има предвидено реконструкција на објектот „Бели мугри“, за што беа одобрени 13,5 милиони денари. Со дополнително одобрените, за реконструкцијата ќе бидат наменети околу 13,9 милиони денари.