Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев денеска го прими државниот првак по информатика, седмоодделенецот од ОУ „Малина Попиванова“, Даниел Димитровски.
Димитровски придружуван од неговата професорка по информатика, Сања Тодорова и директорот на „Малина Попиванова“, Драги Рашков, примија искрени честитки за постигнатиот резултат.
– Информатиката како наука отвора широка врати кон иднината, тоа е мошне барана професија и особено ме радува што ова училиште уште од основното образование изнедрува кадри кои подоцна професионално можат се ориентираат во оваа област – рече на средбата Илијев.
Според градоначалникот, важен фактор во постигнувањето на резултатите се менторите кои овозможуваат препознавање на потенцијалите кај учениците и градат натпреварувачки дух.
Сања Тодорова, како менторка по информатика третпат едноподруго постигнува високи резултати на државните натпревари по информатика.
На овогодишниот државен натпревар по информатика , Даниел Димитровски единствен од дваесет и двајцата натпреварувачи ги освои максималните 110 поени.