Сандра Петрова, ученичка во четврта година во СОУ „Гошо Викентиев“ е избрана за жетварска убавица за 2016 година. Нејзина прва придружничка е Јована Михаилова, а втора е Тања Серафимова.

Така одлучи жирито на 11-то издание на Изборот на жетварска убавица што се одржа во салата на Центарот за култура „Бели мугри“. За победничките, но и за останатите учеснички Општина Кочани и спонзорите „Златар Филе“, „Флорис“ „Дуки дасо“ и „Ива фешн“ обезбедија вредни награди.

Годинава во трката за најубава жетварка учествуваа 14 девојки на возраст од 15 – 20 години. Петрова, како овогодишна жетварска убавица ќе учествува во обичајот зажнејување, што ќе се изведе на нива на Грдовски Пат, в недела на 16 октомври.

Музички гостин на Изборот на жетварска убавица беше групата „Теди Лајон селекшн“ од Пореч, Република Хрватска.

Овогодишниот Избор на жетварска убавица беше во режија на Сања Карова.