Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев го прими во работна посета амбасадорот на Унгарија, Иштван Ласлу Дукс.
– Република Унгарија е заинтересирана за продолжување на контактите и унапредување на соработката со локалните заедници во Македонија, посебно со оние општини со кои веќе има воспоставено поцврсти релации. Меѓу нив е Општина Кочани, со која имаме одлично искуство и очекуваме позитивни ефекти. Минатата година спроведовме една стипендија за Ромите, со поддршка од Владата на Унгарија. Со градоначалникот се согласивме дека ќе направиме силни напори да ги анимираме унгарските компании за да ги согледаат можностите за инвестирање во регионот, да ги приближиме стопанствениците и да ја зголемиме стоковната размена – рече амбасадорот Иштван Ласлу.
Градоначалникот Илијев очекува средбата да даде конкретни резултати, односно да се воспостават подобри стопански релации.
– Добивме навистина интересни сугестии како да ги искористиме предностите што ги нуди Република Унгарија, бидејќи таа е членка на европското семејство и овде ја гледаме нашата голема шанса да ги искористиме нивните искуства и знаење и да реализираме проекти во нашиот регион. Се договоривме и двете страни да размислат и во разговор со локалните чинители на економијата да се направат истражувања во кој дел имаат интерес и во наредниот период да се направат средби во Кочани, како и посети на одредени региони во Унгарија, со цел и тој дел на соработката да го подигнеме на повисоко ниво и да ги искористиме сите потенцијали што стојат на рапсолагање на двете страни – соопшти Илијев по средбата.
Општина Кочани е збратимена со унгарскиот град Сигетсентмиклош од 2004 година и континуирано ја одржува соработката особено на културен план.