Завршија подготвителните активности од проектот за изградба на колекторот и на станицата за прeчистување на отпадни води во Кочани. Идниот месец ќе започнат градежните работи. Ова беше соопштено по состанок на Управниот одбор на Проектот за третман на отпадните води, на кој се разговараше за првата фаза од работите на терен, како и за надминување на објективни пречки што можат да се појават.
– Градежните работи на колекторскиот систем во Кочани ќе започнат на влезот на градот. Очекуваме на крајот на идниот месец, или пак најдоцна до јули практично да стартува реализацијата на проектот за филтер станицата за отпадни води во близина на селото Мојанци. Активностите досега се одвиваа многу успешно, имаме добра соработка со Општината и со комуналното претпријатие „Водовод“, како и со меѓународниот донатор СЕКО – изјави Тим Кемптер – заменик-проект менаџер.
Франк Видеркер, регионален советник на Амбасадата на Швајцарија во Скопје изрази задоволство од текот на проектот и од соработката на сите вклучени страни.
– Во очекување сме на следниот чекор, односно започнувањето на договорените активности со изведувачот на работите, што веројатно ќе биде во јуни. Во исчекување на првата фаза се надеваме дека проектот ќе се одвива според планираната динамика – соопшти Видеркер.
Проектот за третман на отпадните води во Кочани ќе придонесе за одржлив развој на Кочанскиот Регион, преку заштита на природните ресурси и за промовирање на економскиот развој на регионот. Вкупна вредност на проектот е 23 милиони швајцарски франци, од кои 21 милион се донација од Швајцарската агенција за развој и соработка.
Во пречистителната станица ќе се врши примарно прочистување, биолошки третман и стабилизација на отпадната вода и нејзино цедење.
Периодот на изведба ќе трае до крајот на 2018 г.