– Денеска, по завршувањето на гласањето за Предвремените парламентарни избори – 2016 година, би сакал да ви честитам за високиот одѕив од 70 % и за демократската свест и култура што ја покажавме како гласачи – рече градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски во своето обраќање до јавноста.
– Гласајќи мирно и достоинствено вие докажавте дека изборните нереди, тепачки и нерегуларности се минато за Кочани, кое никој не сака да му се повтори. Тоа е доказ за растот на политичката култура што ја градиме сите овие години.
Токму затоа сакам да го изразам моето задоволство што сум учесник во тие демократски избирачки процеси кои ги промовираат начелата за избори без насилства и притисоци од каков било облик.
Посакувам ваквата изборна атмосфера во Кочани да продолжи, зашто никој не заслужува да живее во неспокој и насилие. Секој граѓанин во 21 век сака да ја изрази својата волја за своите, а не за нечии други интереси.
Дозволете ми уште еднаш, да Ви честитам за атмосферата во која вие придонесовте да се реализираат Предвремените парламентарни избори. Ваквиот демократски резултат е најубедливата придобивка за нашата заедница. Кочани е моралниот победник на овие избори! – рече во своето обраќање Димитровски.