Во Спортската сала „Никола Карев“ во Кочани беа доделени наградите и признанијата на најуспешните екипи и поединци, како и на наставниците кои учествуваа во општински училишни лиги во мал фудбал, ракомет и кошарка во учебната 2015/2016 година.
Победник во училишната лига во мал фудбал е екипата на ОУ „Никола Карев“. Второто место ѝ припадна на екипата на ОУ „Раде Кратовче“ а третопласирана е „Малина Попиванова“. За најдобар играч во футсал e прогласен Јован Манев од ОУ „Никола Карев“.
Најуспешен во училишната ракометна лига е составот на ОУ „Св. Кирил и Методиј“, пред екипите на „Никола Карев“ и на „Малина Попиванова“, а најдобар ракометар е Иван Јангелов од ОУ „Св. Кирил и Методиј“.
Училишната лига во кошарка имаше машка и женска конкуренција. Науспешни во обете конкуренции беа екипите на „Св. Кирил и Методиј“, пред „Малина Попиванова“ и „Никола Карев“. За најдобри кошаркари беа прогласени Стефан Стоименов и Љупка Симеонова, и двајцата од ОУ „Св. Кирил и Методиј.
Признанијата и наградите ги врачи Голубинка Георгиева – раководителка на Одделението за јавни дејности при Општина Кочани.