Градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски го потпиша договорот со Швајцарската агенција за развој и соработка, преку Амбасадата на Швајцарската Конфедерација за програмата „Форуми во заедницата“ што ќе се реализира во Кочани од септември до февруари идната година.
Со оваа програма Општина Кочани добива 825 илјади денари наменети за организирање буџетски форуми. Тема на буџетскиот форум е подготовка на општинскиот буџет за наредната година.
– Програмата има за цел да го поддржи граѓанското учество и развојот на заедниците на локално ниво преку организирање форумски сесии. Очекувам, и на овој начин ги поканувам сите наши граѓани да се вклучат во форумите, за да можеме буџетот за 2017 година што потранспаретно да го донесеме, изјави градоначалникот Димитровски.
Буџетските форуми ќе се спроведуваат во шест форумски сесии на кои ќе се дискутираат приоритетите на буџетот на општината, приходите на општината, приоритетните расходи на буџетот на општината, ќе се избира буџетска линија (капитални инвестиции) која ќе биде кофинансирана од SDC. На последната сесија ќе се даде отчет за тоа како се спроведени проектите финансирани од општинскиот буџет.
Програмата „Форуми во заедницата“ претставува платформа за развој чија цел е граѓаните да го подобрат сопствениот живот преку свое учество и со сопствени идеи и локалните власти да развијат транспарентно и отчетно владеење.