Директорката на ОУ „Св. Кирил и Методиј“, Весна Зашова и управителот на „Дрвопром“ од Кочани, Сашо Данилов го потпишаа договорот за реновирање на Подрачното училиште во Горни Подлог.
Реновирањето на училишната зграда ќе се врши со одобрени средства во висина од 4 277 628 денари, грант од Владата на Јапонија. Реновирањето опфаќа замена на прозорците и вратите реконструкција на кровот и фасадата и делумна обнова на подот.
– Изведувач „Дрвопром“ е избран од страна на Владата на Јапонија во фазата пред одобрување на грантот, соопшти Елена Димитровска, помошник-раководителка на Секторот за планирање и развој во Општина Кочани.
За реализација на градежните активности во училиштето ќе се искористи летниот распуст на учениците. Овој проект ќе обезбеди модерна енергетски ефикасна зграда со поквалитетни услови за работа и учење.
Училиштето во Горни Подлог е објект изграден пред 50 години, во кој посетуваат настава 130 ученици од прво до деветто одделение од селата Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци.