На 45. редовна седница, Советот на Општина Кочани го усвои Извештајот за извршување на Буџетот на Општина Кочани за првиот квартал од 2016 година.

Дејан Рашков од Секторот за финансиски прашања во Општина Кочани ги претстави основните параметри коишто се однесуваат на првото тримесечје од годинава. Според Рашков, реализацијата на приходи во основниот буџет е 18,7 % или од вкупниот основен буџет кој изнесува 217 057 000 денари се реализирани приходи во висина од 40 763 943 денари и 17,7 % расходи или 38 347 979 денари. Вкупното извршување на приходите е 21, 4 % или 113 212 099 денари од вкупниот буџет кој изнесува 528 775 400 денари. Вкупната реализација на расходите е 20,4 % или 108 184 166 денари.

Координаторот на советничката група на СДСМ, Ѓорѓи Алексов забележа дека за овој период е слабо прибирањето на средствата од комуналии што, според него, повлекува и слаба реализација на капиталните инвестиции и побара информации за тоа колку улици и патишта во општината се асфалтирани надвор од заемот од Светска банка.

Советот даде согласност на Одлуката за измени и дополнувања на Статутот на Детската градинка „Павлина Велјанова“, донесе одлука за организацијата, делокругот и начинот на извршување на општинската администрација и го усвои Извештајот за работата на Полициската станица од општа надлежност во Кочани.

Вообичаено, градоначалникот Ратко Димитровски одговараше на повеќе советнички прашања.