Советот на Општина Кочани ја одржа 44. седница на која беше донесено Решение за запирање на објавувањето на Заклучокот од минатата седница со кој Советот на Општина Кочани побара да се изврши ревизија на финансиското работење на основните училишта „Никола Карев“ и „Св. Кирил и Методиј“ и на средното „Гошо Викентиев“, од страна на независна ревизорска куќа.
Решението се донесе по предлог на градоначалникот Ратко Димитровски кој на седницата образложи дека Законот за локална самоуправа не предвидува независна ревизија на општински установи и дека 1,5 милион денари е многу висока сума за ревизија што треба да си ja плати училиштето, а во Буџетот за 2016 година не е предвидена таква ставка.
Мнозинството во Советот одлучи Државниот завод за ревизија и Внатрешната ревизија на Општина Кочани да извршат ревизија на финансиското работење на споменатите училишта за периодот од 2012 до 2015 година.
На 44. седница беа усвоени информациите за работата на Центарот за култура „Бели мугри“, за одржувањето на „ДАФ 2016“, проекцијата за користење на водата за пиење во сезоната пролет-лето 2016 од системот за водоснабдување, за состојбата со дивите депонии во градот и населените места со предлог-мерки за нивно разрешување и др.