Со цел да се подобри јавната свест за значењето на рециклирањето и одговорното управување со отпадот, а по повод 5 Јуни – Светскиот ден на животната средина, во ОУ „Свети Кирил и Методиј“ во Кочани се реализираше акција за селекција и собирање текстилен отпад.

Во организација на Општина Кочани, ученици, наставници, граѓани и претставници на Здружението „Синтезис“ од Кочани го наполнија контејнерот за текстилен отпад, кој веднаш потоа беше преземан и транспортиран од постапувачот „Екотекс груп“.

Љубица Теодосиева, наставничка во ОУ „Свети Кирил и Методиј“, истакна дека Светскиот ден на животната средина секоја година потсетува на потребата од заеднички активности за зачувување на природата и намалување на негативното влијание врз животната средина, додавајќи дека „Свети Кирил и Методиј“ е училиште коешто е двигател на општествените промени.

– Сметам дека имавме успешна акција за собирање текстилен отпад, отпад што за среќа нема да заврши на несоодветни места, туку ќе добие можност повторно да се рециклира и да има нова употреба – рече Даниел Стојанов, раководител на Одделението за комунални работи во Општина Кочани, кој ја истакна добрата соработка со компанијата што постапува со текстилниот отпад и ги повика граѓаните текстилниот отпад да не го мешаат со другите видови отпад.

Кристина Димитрова, од Здружението „Синтезис“ соопшти дека акцијата е дел од поголемиот проект насловен „Ракотворница“, во чии рамки изминативе два месеца во „Етнокуќата“ се реализираше обука за ткаење од материјали од облека и ткаенини коишто повеќе не се употребуваат, а преку процесот добија нова форма и вредност.

Од април оваа година, во Кочани се поставени контејнери за текстилен отпад на 10 локации, во училиштата и во четири објекти на Детската градинка „Павлина Велјанова“. Надлежните најавија дека наскоро ќе биде поставен контејнер за текстилен отпад на уште една јавна локација во градот.

Проектот „Ракотворница“, во чии рамки е акцијата за собирање текстилен отпад, е финансиран од Општина Кочани, преку Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите за 2026 година.