Со свечен концерт во салата на Центарот за култура „Бели мугри“, учениците и наставниците од ООМУ „Ристо Јуруков“ од Кочани ги одбележаа патрониот празник и 70-годишнината од основањето.
Под диригентство на директорката Марија Лазарова, хорот и оркестарот на училиштето пред публиката изведоа познати музички композиции.
Директорката Лазарова изрази почит и благодарност кон ликот и делото на професорот Јуруков и истакна дека празнувањето е можност да им се оддаде признание на сите генерации кои со труд и љубов придонеле за угледот на училиштето.
На манифестацијата беа доделени плакети на долгогодишните поддржувачи на училиштето, а за ученик на генерацијата годинава беше прогласен Климент Филипов.
Училиштето „Ристо Јуруков“ останува препознатлив расадник на млади музички таленти, а неговиот наставен кадар со својот постојан ангажман е значаен двигател на локалната музичка и културна сцена.























