КОЧАНИ, 27 мај 2026 – Општина Кочани прави голем чекор напред кон одржливиот развој и енергетската ефикасност. Денес и официјално беше потпишан документот со кој започнува подготовката на техничката документација за рехабилитација и реконструкција на главниот доводен цевковод за топла вода на релација Долни Подлог – Кочани, финансиран преку Фондот за техничка документација.

Општина Кочани лежи на богат базен на топла, геотермална вода со капацитет од 300 литри во секунда и температура која достигнува до 78°C. И покрај огромниот потенцијал, овој природен ресурс во моментов е недоволно искористен поради застарената инфраструктура.

„Овој проект е од големо значење за Кочани, бидејќи отвора можност за подобро искористување на геотермалниот потенцијал и за создавање поефикасен и поодржлив систем за снабдување со топла вода. Со подготовката на квалитетна техничка документација правиме важен чекор кон обезбедување средства и реализација на проект кој ќе донесе долгорочни придобивки за јавните објекти, граѓаните и животната средина.“ вели д-р Владко Грозданов, градоначалник на Општина Кочани, на денешниот официјален настан.

Со планираните интервенции кои ќе произлезат од новата проектна документација, Општина Кочани ќе добие повеќекратни придобивки:

  • Развој на бањски туризам: Максимално искористување на потенцијалот на термалните води за привлекување туристи и инвестиции.
  • Еколошко загревање: Можност за затоплување на општинските јавни згради и институции со чиста, обновлива енергија.
  • Заштита на животната средина: Со спречување на неконтролираното истекување на водата директно се заштитуваат локалните природни ресурси и позитивно се влијае на животната средина.

Според претставниците на УНДП, ова е еден од најинтересните и најиновативните предлог-проекти пристигнати на последниот повик на Фондот за техничка документација. Оваа активност е дел од поширокиот проект „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“, кој го спроведува УНДП со финансиска поддршка од Шведска.

Како дел од оваа успешна соработка, за Општина Кочани веќе е изработен и Интегриран развоен план, кој во моментов служи како главен стратешки документ за долгорочниот развој на градот. 

Во рамките на денешната посета, тимот на УНДП ја посети и Општата болница во Кочани, каде пред неколку години исто така беше изработена техничка документација за имплементација на современи, енергетски ефикасни решенија.