Здружението „Синтезис“ од Кочани, со поддршка од Општина Кочани, на 30 април 2026 година ја изведе првата работилница за изработка на ткаени производи со вертикален разбој.

Десетина жени и девојки на различна возраст, со претходно истакнати афинитети за рачно креирање производи, се вклучија во проектот со цел, со помош од искусни ментори да ја научат односно да ја подобрат вештината за ткаење.

Целта на „Ракотворница“ е да се афирмира стекнувањето вештини за ракотворење и да се даде придонес во циркуларната економија, односно, во овој случај, текстилниот отпад да стане суровина за нови производи.

Со овој проект Општина Кочани има за цел да придонесе за економско јакнење на жените и да се креира поволен деловен амбиент за развој на женското претприемништво. Едновремено, совладувањето на овие вештини се третира  и како своевидна уметничка терапија.

Проектот е дел од Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите за 2026 година, како и од Стратешката рамка за економско јакнење на жените, 2026 – 2030.

На крајот на реализацијата, изработените производи ќе бидат претставени пред јавноста, а во следни фази ќе се посвети внимание на изработка на друг вид ракотворби.