Во просториите на Шаховскиот клуб „Кочани се одржа 5. Меморијален шаховски турнир „Тодор Милосиев-Тошо“, на кој годинава учествуваа 26 натпреварувачи. Турнирот во чест на кочанскиот шахист Милосиев се играше по швајцарски систем, забрзан шах во седум кола.

На свеченото отворање, претседателот на шаховскиот клуб, Благој Ситновски, ја нагласи важноста од зачувување на шаховската традиција во градот и одржувањето на сеќавањето за Тодор Милосиев, кој откриваше и подучуваше во шах многу генерации младинци од Кочани.

Во знак на сеќавање на Милосиев, првиот потег на турнирот го повлече неговата ќерка Марија Георгиева.

Наградите на најдобрите им ги додели градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, кој истакна дека локалната самоуправа ќе продолжи да го поддржува шахот, со цел традицијата и љубовта кон оваа игра, што ја негувал нашиот сограѓанин Тодор Милосиев, да се шири и понатаму.

Првото место на турнирот го освои Гоце Георгиев, второто му припадна на Емануел Ангеловски, а третото и четвртото место го поделија Влатко Јовановски и Меџит Куртовиќ. Во успешните учесници се најдоа и Гоце Николов, Влатко Стојмировски и Љупчо Панов.

Поради големиот интерес за учество на турнирот, организаторот најави дека  следната година тој ќе се организира надвор од клупските простории, за да може да се натпреваруваат сите заинтересирани.