Од денеска, во Општина Кочани започна со работа Информативниот центар за превенција, проект од областа на превенцијата на Секторот за внатрешни работи во Штип.
– Целта на Информативниот центар за превенција е подобрување на безбедноста и приближување на полицијата до граѓаните. Вакви центри се отвораат во 13 општини на подрачјето што го покрива Секторот за внатрешни работи – Штип, изјави началникот на отсекот за превенција во СВР – Штип, Ангелчо Стојановски.
– Центарот е лоциран во Едношалтерската канцеларија, каде што е присутен еден полициски службеник заради прием на странки и консултации, укажувања, давање совети, давање и примање информации од граѓаните од областа на безбедноста. Доколку полицискиот службеник оцени дека е потребно, граѓанинот може да се упати во Полициската станица за одредена безбедносна појава заради процесуирање на потребната полициска процедура, објасни Момчило Хаџи-Паунов, помошник-командир за јавен ред и мир и превенција во Полициската станица во Кочани.
Оваа активност веќе еден месец се реализира во општините Зрновци и Чешиново-Облешево, а во Општина Кочани ќе се спроведува секој четврток од 9-15 ч.