Општина Кочани е задоволна од наплатата на комуналната такса и данокот на имот за правни и физички лица, соопшти на прес-конференција градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски.
– Општина Кочани може да се пофали дека данокот на имот на правни лица за тековната година веќе е реализиран со 115 отсто. Облогот за оваа општинска давачка за 2014 година е 2.683.821 денар, а досега се наплатени околу 3 милиони денари. Данокот на имот на физички лица досега е реализиран со 75 отсто. Облогот за 2014 е 9.567.102 денари. Растот на облогот за повеќе од еден милион во однос на 2011 година е последица на воведување во регистарот на нови даночни обврзници по неколку основи, објасни Димитровски.
До 1 ноември Одделението за даноци, такси и надоместоци има извршено наплата на 5.679,765 денари што е 64 проценти од облогот за комуналната такса за 2014 година, кој изнесува 8.818.375 денари. Разликата меѓу облогот и наплатеното се должи на фактот што околу 30 проценти од даночните обврзници само формално егзистираат. Зголемувањето на облогот за 2014 година во однос на претходните години е резултат на извршено задолжување на нови регистрирани даночни обврзници од страна на вработените во општинското даночно одделение.
Во 2014 година Општина Кочани има регистрирано 1858 обврзници за комунална такса и 10.843 обврзници по основа на данок на имот.
Според раководителот на Одделението за даноци, такси и други надоместоци, Суад Мехмед, сите субјекти што нема да го пријават имотот, се соочуваат со можност да им биде поднесена прекршочна пријава. Глобата за физички лица е 1000 евра, а за правните – 3000 евра.