Децата кои до крајот на календарскава година ќе наполнат 6 години и деца родени до 31 јануари 2019 г., по претходно барање на родител и добиено мислење од педагог и психолог имаат право да се запишат во прво одделение.
Уписите во основните училишта во Кочани започнуваат од 9 мај, а согласно Законот за основно образование, основното училиште ги опфаќа учениците од својот реон утврден од основачот на основното училиште. Училиштата ќе достават покана за упис на детето, со термин кога родителот треба да се обрати кај нив. Родителот е должен да се јави во училиштето во кое детето е училиштен обврзник.
При запишувањето, родителите треба да ги приложат следниве документи: извод од матична книга на родените на ученикот (копија); државјанство на ученикот (за ученици родени во странство); копија од лична карта од родител; потврди за примени задолжителни вакцини, за стоматолошки преглед и за преглед кај очен лекар – издадени од надлежни здравствени установи, како и мислење односно функционален профил од Комисијата за проценка на деца и младинци за дополнителна образовна, социјална и здравствена поддршка според Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ).