На 21 октомври Кочани беше домаќин на Саемот на вработување, што во организација на Агенцијата за вработување на Република Македонија се одржа во Спортската сала „Никола Карев“.
Заинтересираните имаа можност подобро да се запознаат со понудата за нови вработувања од 22 компании од текстилната, преработувачката, дрвната индустрија од Кочанско, да поразговараат со дел од одговорните лица на компаниите за можностите за вработување и да достават пријави за интерес за вработување.
На Саемот присуствуваше и директорот на Агенцијата за вработување, Владо Поповски според кој интересот на двете присутни страни е на очекуваното ниво.
– Собрани се 22 компании кои нудат работни места за сите што бараат работа. Морам да нагласам дека најбарани се техничките кадри, за коишто ние укажуваме дека треба да се запишуваат младите на овие училишта и факултети, бидејќи нема да бидат невработени. Јас ги охрабрувам сите невработени да ги следат огласите што се објавуваат на веб-страницата на Агенцијата за вработување, со кои ќе можат побрзо да дојдат до работни места. Ова е четвртиот Саем по ред оваа година и се надевам дека ќе биде успешен како претходните, рече Поповски.
Се очекува од Саемот да се соберат поголем број податоци за работните карактеристики за невработените лица, коишто подоцна можат да се искористат за ангажман во претпријатијата што не биле присутни на манифестацијата.
Во рамките на престојот во Кочани, директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Владо Поповски имаше средба со претставници на работодавачите од регионот.