Од сите надворешни фактори што влијаат на здравјето на човекот, исхраната има најважно место. Денес се знае дека нерационална, недоволна и загадена храна предизвикува нарушување на здравјето. Таа е суровина која непрекинато го обновува нашиот организам. Здравата храна е услов за нормално функционирање на организмот, таа предизвикува низа длабоки и интензивни процеси, кои влијаат на општата виталност на луѓето. Здравата исхрана е основен услов да не се појави болест, а истовремено и фактор кој придонесува болеста полесно да се излекува, и тоа не само кога станува збор за болести кои се непосредна последица од неправилната, недоволната или преобилната исхрана, туку и кога станува збор за болести од друга природа. Основа на правилната исхрана пак, е растителната храна во која спаѓа и оризот.

Оризот е лесно сварлив и има голема енергетска вредност со голем коефициент на искористување од околу 95,5%. Тоа го прави подобар и од пченицата, а единствен недостаток му е што има сиромашна протеинска вредност. Хранливата вредност е голема – 100 грама ориз даваат 360 калории и содржат 13% вода, околу 6% белковини, многу малку масти – околу 0,5%, а најмногу скроб – преку 75%. Оризовото зрно има големо прехранбено значење поради неговата содржина на витамини и минерали. Затоа, спаѓа во производите за кои со право може да се каже дека се здрава храна.