Со велосипедската тура „По патеката на оризот“, Општина Кочани го одбележа Меѓународниот ден без автомобили. Велосипедисти од различни возрасти возеа на релацијата што го поврзува Кочани со населените места Горни Подлог, Мојанци и Грдовци.
На велосипедската тура учествуваше и градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов, кој ја истакна важноста од користењето превозни средства што не ја загадуваат животната средина. Во рамките на настојувањата да се создадат и да се подобрат условите за возење велосипед, градоначалникот истакна дека Општина Кочани избира локации за нови паркинзи за велосипеди, а еден веќе е поставен во Спортско-рекреативниот центар „Бавчалук“.
Поддршка на настанот даде Ротари клубот Кочани-Виница, кој пред почетокот на велосипедска тура го промовираше проектот „Авантури на две тркала – по патот на комарците“, чија цел е промоција на велосипедизмот, природните и културно-историските обележја на Кочанската Котлина, а со кој дигитално се мапирани велосипедски патеки во должина од 60 км.
Турата се спроведе според протоколите за безбедност во сообраќајот од страна на Одделението за внатрешни работи – Кочани.
Со овој настан Општина Кочани се вклучи во одбележувањето на Европската недела на мобилност.