Делата изработени во четирите години постоење на Ликовната колонија „Св. Пантелејмон“ се поставени во изложбените салони во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани.
На отворањето, академскиот сликар Александра Димитрова го истакна придонесот на колонијата за културното живеење во Кочани.
– Колонијата започна да се организира во 2012 година, кога Кочани беше Град на културата, а се реализира веќе четири години на различни локации во Кочанско, пред сѐ со млади таленти, ученици од сите краеви на нашата држава и со учесници од странство.
Во името на учесниците на колонијата, Божица Шопова упати благодарност до организаторот, Општина Кочани и до менторот м-р Александра Димитрова.
На сите млади таленти и уметници кои твореле во рамките на Ликовната колонија „Св. Пантелејмон“ им се заблагодари Аника Илијевска Ѓоргиева од Општина Кочани.
Настанот е дел од програмата на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“.