Основните училишта „Раде Кратовче“ од Кочани и „Св. Климент Охридски“ од Пазарџик, Република Бугарија потпишаа договор за реализација на проектот „Растеме заедно со екоресурси“, финансиран со средства од европските фондови наменети за програмата „Еразмус плус“.

До септември 2017 година учениците од двете партнерски општини, заедно со невладините Центар за економски развој – Пазарџик и Локална акциона група – Кочани, ќе бидат вклучени во обуките за наставниците од двете пилот-училишта.

– На обуките ќе се развијат иновативни методи за учење за примената на обновливите извори на енергија, енергетска ефикасност и заштитата на природата. Наставниците ќе ги применат методите во наставата, прилагодени со цел нашите најмали да ги запознаеме со значењето на екоресурсите во секојдневието, рече Елена Димитровска од Секторот за планирање и развој на Општина Кочани.

– Учениците уште од најрана возраст треба да добијат сознанија за ефикасното искористување на енергијата, односно да им се објасни дека таа не е неисцрплива и дека нејзината употреба не е безопасна за животната околина, особено оној вид енергија што ние ја користиме во секојдневието – истакна Илија Дојчинов, експерт во Агенцијата за енергија – Пазарџик.

Проектот „Растеме заедно со екоресурси“ опфаќа и развивање стратегија за друг вид соработка меѓу училиштата во двете општини. Невладините организации што се вклучени во проектот ќе обезбедат тренинг и поддршка во областа на обновливите извори на енергија, енергетска ефикасност, заштита на природата и примена на отворени едукативни ресурси во наставата.