Општина Кочани ја распиша 37. објава за отуѓување градежно земјиште во државна сопственост, со која се ставени на продажба 15 градежни парцели, од кои 14 со намена индивидуално домување и една парцела за лесна индустрија.
Од парцелите за индивидуално домување шест се наоѓаат на улицата „Февруарски поход“, по три на улиците „Митко Тодоров“ и „Пиринска“ и две на улицата „Смилевски конгрес“. Површините се движат од 177 до 470 м2.
Парцелата со намена за лесна индустрија и производство се наоѓа на улицата „Украинска“ и е со површина од 1493 м2.
Рокот за пријавување за учество во електронското јавно наддавање за градежните парцели за индивидуално домување е до 26 април 2023 г., а јавното наддавање ќе се одржи на 28 април. За парцелата со намена за лесна индустрија и производство, рокот за пријавување е до 8 мај, а јавното наддавање е на 10 мај.
Почетната цена за сите градежни парцели е 61 денар за метар квадратен.
Целосната објава за продажба на градежно земјиште во државна сопственост е поставена на огласната табла во дворот на општинската зграда и е објавена на веб-страницата на Општина Кочани, www.kocani.gov.mk.