Со трибина на тема „Со знаење и посветеност преку својата дејност го трасираме патот на најмладите“, Библиотеката „Искра“ од Кочани го започна чествувањето на 2 Април – Меѓународниот ден на литературата за деца.
На трибината учествуваа професорите и научници Христо Петрески, Кристина Николовска, Јованка Денкова, Ана Витанова Рингачева, Ели Маказлиева и Доне Донев, кои ги истакнаа улогите на книгата и на учителот во развојот на детето и во детскиот свет.
Веднаш потоа, беше промовирана книгата за деца „Чудесен дар во годишен календар“ од авторката Ели Маказлиева, дело што ја доби наградата „Ванчо Николески“ од Друштвото на писатели на Македонија. Промотор на книгата беше проф. д-р Елизабета Бандиловска.
Славењето на Меѓународниот ден на литературата за деца, под наслов „Другарувањето со книгите ни е песна“ – фестивал на децата, книгите и музиката, како проект на ЈОУБ „Искра“ ќе продолжи и наредните три дена со промоции на книги за деца и млади, литературни средби со роднокрајни автори и ликовна работилница.
Одбележувањето на Меѓународниот ден на литературата за деца во Кочани е проект од национален интерес во културата од областа на литературата и издавачката дејност на Министерството за култура, поддржан од Општина Кочани и од локални компании.