Врз основа на членот 29 од Законот за меѓуопштинска соработка („Службен весник на РМ“ бр. 79/09), член 14 и член 50, став 1, точка 16 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/02) и Одлуката за воспоставување на меѓуопштинска соработка помеѓу Општина Штип и Општина Кочани на Советот на Општина Штип бр. 08-7277/1 од 05.12.2022 година и Одлуката за воспоставување на меѓуопштинска соработка помеѓу Општина Кочани и Општина Штип на Советот на Општина Кочани бр. 09-2368/1 од 14.12.2022 година, Општина Штип застапувана од Градоначалникот Иван Јорданов и Општина Кочани застапувана од Градоначалникот Љупчо Папазов, на 23.12.2022 година, склучија
Д О Г О В О Р
ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ МЕЃУОПШТИНСКА СОРАБОТКА ПОМЕЃУ
ОПШТИНА КОЧАНИ И ОПШТИНА ШТИП
- Општина Кочани со седиште во Кочани, на ул. „Раде Кратовче“ бр. 1, застапувана од Градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов, од една страна и
- Општина Штип со седиште во Штип, на ул. „Васил Главинов“ бр. 4 Б, застапувана од Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов, од друга страна.
ПРЕДМЕТ НА ДОГОВОРОТ
Член 1
Предмет на овој договор е воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу двете договорни општини, согласно членот 14 од Законот за локална самоуправа („Сл. весник на РМ“ бр. 5/2002), и член 9, став 2, алинеја 2 од Законот за меѓуопштинска соработка („Сл. весник на РМ“ бр. 79/2009), за вршење определени работи што се во надлежност на општините, а кои се однесуваат на инспекцискиот надзор (овластен градежен инспектор) и урбанизмот од страна на Општина Штип за потребите на Општина Кочани.
Член 2
Двете договорни страни се договорија дека работите и работните задачи што ќе ги извршуваат овластените инспектори во Општина Штип во областа на градежен надзор, по потреба да ги извршуваат и во име и за сметка на Општина Кочани.
Член 3
Работите коишто ќе ги вршат инспектори од Општина Штип по претходно издаден налог на Градоначалникот на Општина Кочани се од областа на инспекцискиот надзор и се состојат од:
– самостојно вршење работи на надзор и контрола во областа на градежништвото, а согласно Законот за градење, на територијата на Општина Кочани;
– водење постапки, донесување решенија и поднесување пријави за покренување на прекршочни постапки;
– вршење увид на терен и изготвување записници за констатираните состојби и наоди;
– водење управни постапки во прв степен и донесување решенија;
– покренување и водење постапки за кои се со закон овластени пред надлежни
органи;
– поднесување жалби и одговори на жалби во второстепени управни постапки;
– следење, укажување и санкционирање на неправилности во градбата, од аспект
на квалитет и отстапување од издадена градежна документација;
– вршење контрола и надзор над изведување на работите врз објекти од јавен
интерес;
– вршење контрола и надзор над објекти кои ги градат физички и правни лица;
– покренување постапки по барање на странки;
– изготвување информации за Градоначалникот, Советот и работните тела;
– вршење други работи поврзани со инспекција и надзор.
Член 4
Вработените од членот 2 на овој договор вработени во општинската администрација на Општина Штип за извршување на работите и работните задачи што се предмет на овој договор ќе ги користат објектите и опремата на двете договорни општини.
Член 5
Соработката во областа на урбанизмот ќе се состои преку изготвување на одредени проекти, нацрти, проектни документации, елаборати и спецификации кои ќе ги подготвуваат и изготвуваат вработени во Општина Штип за потребите на Општина Кочани.
Член 6
Извршувањето на работите утврдени во членот 1 на овој Договор, ќе биде евидентирано во спецификации, во кои ќе бидат наведени видот на извршените работи и времетраењето.
Член 7
За извршување на работите што се предмет на овој договор, договорните страни се договорија дека Општина Кочани ќе исплаќа месечен износ на жиро-сметката на Буџетот на Општина Штип.
Висината на надоместокот за извршените работи од администрацијата на Општина Штип ќе биде пресметан согласно извршените пресметки секој месец поединечно и ќе зависи од бројот на дополнителните работни часови на ангажираните административни службеници.
Општина Кочани надоместокот ќе го исплаќа на Општина Штип по добивање на фактура, која ќе претставува збир на извршените услуги за сите ангажирани административни службеници во текот на еден месец.
Секоја општина поединечно ќе си ги сноси трошоците за своите вработени, а секој ангажман надвор од работно време ќе се исплаќа согласно важечките законски прописи за вршење на дополнителна работа.
Патните трошоци кои ќе се створат надвор од работното време ќе се исплаќаат согласно пресметка за користење на сопствено возило за службени потреби.
ПРАВА И ОБВРСКИ НА ДОГОВОРНИТЕ СТРАНИ
Член 8
Општина Штип се обврзува работите кои ќе бидат побарани од Општина Кочани наведени во членот 1 на овој Договор да ги извршува согласно законските прописи, професионално, континуирано, ефикасно, уредно и навремено.
Работите ќе се извршуваат по доставено писмено барање на меил, поднесено од страна на Општина Кочани, во кој ќе биде наведен датумот на вршење на работите.
Доколку Општина Штип во наведениот период има потреба од бараните административни службеници – инспектори, во тој случај, ќе биде наведен првиот слободен ден кога може да се изврши работата.
Доколку во тој период бараните административни службеници – инспектори користат годишен одмор или други законски права, Општина Штип е должна писмено да ја извести Општина Кочани.
Член 9
Општина Кочани може во секое време да се информира за начинот и времето на извршување и при тоа да има увид во документацијата со која се води целокупната постапка.
ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 10
Измени и дополнувања на одредбите од овoј договор за прашања кои не се предвидени со овoј договор, а може дополнително да произлезат од тековното работење, ќе се уредат со Анекс на овoј Договор.
Член 11
Овој договор влегува во сила со денот на потпишување од страна на двете договорни страни, а се склучува за времетраење од 1 (една) година, со можност за негово продолжување со склучување на анекс на договорот.
Член 12
Овој договор може да се раскине заради непочитување на одредбите од страна на двете договорни страни.
Овој договор може да се раскине и по барање на една од договорните страни, но по претходно известување на договорната страна која тоа го бара и тоа најмалку во рок од 30 дена пред раскинувањето на договорот.
Член 13
За евентуалното непочитување на одредбите од овој Договор, договорните страни се согласија истите да ги решаваат спогодбено со меѓусебно договарање, во духот на добрите деловни обичаи.
Во спротивно за споровите што ќе произлезат од непочитување на одредбите од овoј Договор, надлежен е Основниот суд во Штип.
Член 14
Овој договор е составен во 6 (шест) еднообразни примероци, по 3 (три) за секоја од договорните страни.
Општина Штип Општина Кочани
Градоначалник, Градоначалник,
Иван Јорданов Љупчо Папазов
___________________ ___________________