Форумот го отвори Љупчо Папазов, градоначалник на Општина Кочани, кој ја истакна подготвеноста на единицата на локалната самоуправа да се грижи за економско јакнење на жените.
– Нашата задача, мојата – како градоначалник и на Општина Кочани е да создаваме услови, да ги земаме предвид сугестиите и потребите на бизнисите започнати од жени и да одговараме на предизвиците на дигитализацијата како неодминлив дел од економските текови – истакна градоначалникот Папазов.
На панел-дискусијата учествуваа: Зујица Ангелова, директорка на Центарот за развој на Источниот плански регион, Јасминка Пашалиска-Андоновска – координаторка на Програмата за зачувување на природата на Македонија, Јанка Димитрова, професорка на УГД – Штип и Билјана Митева, управителка на „Екопроект-Ко“ од Кочани.
Според панелистите, една од главните цели е да се работи на зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за креирање јавни политики и застапување во областа на женското претприемништво.
Форумот што го реализираше Здружението на бизнис-жени во партнерство со Сојузот на стопански комори на Македонија и Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување, го следеа претставнички од граѓански здруженија, приватни компании и јавни институции од општините од Источниот плански регион.