Градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски и Одделението за јавни дејности, во пресрет на Петровден организираа прием за наградените ученици на државните акредитирани натпревари.
На средбата тие им честитаа за постигнатите успеси и им се заблагодарија за достојното претставување на нашата општина во пошироки рамки.
– Во името на Општина Кочани ќе ви врачиме скромни подароци во кои има и книга, како симболичен пример за потребата од постојана, вечна дружба со неа. Благодарете им на родителите кои несомнено ви овозможиле многу да ги постигнете овие резултати и почитувајте ги и наставниците кои се неодминлив и значаен дел од овој успех – рече раководителката на Одделението за јавни дејности, Голубинка Георгиева.
Градоначалникот Ратко Димитровски, врачувајќи им ги наградите на учениците истакна дека и тој лично и Општината се горди што имаат вакви млади сограѓани кои се вредни и трудољубиви, желни за нови знаења. – Поддршката од нас и понатаму нема да изостане – додаде Димитровски.