На 25 февруари, Советот на Општина Кочани ја започна седмата редовна седница, на која работеше само по 15 од предложените 21 точка.
На седницата беше усвоена Информацијата за санитарно-хигиенската и техничката состојба на предучилишните и училишните установи и на ЈОУ Детска градинка „Павлина Велјанова“ во 2021 година, со заклучок Советот да добие дополнителни информации за санитарно-техничките услови по поплавата во СОУ „Гошо Викентиев“, како и Информацијата за малолетничката деликвенција на подрачјето во Кочани со заклучокот институциите за заштита на малолетниците и граѓанските здруженија да спроведат координирани едукативни активности со младите на овие теми.
Советот ги усвои Оперативниот план за заштита и одбрана од поплави за загрозените подрачја на територијата во надлежност на АД Водостопанство, Подружница „Брегалница“, за тековната година; Извештајот за работењето на ЈОУ Библиотека „Искра“ , како и предлог-одлуките за субвенционирање на жителите на општина Кочани на дел од трошоците за печки на пелети, инвертер-клими и за велосипеди. Советот го изгласа и заклучокот средствата од овие мерки што нема да се искористат да останат во областа на заштитата на животната средина.
Советот даде зелено светло и за измените и дополнувањата во Планот за јавни набавки, а ја усвои и предлог-одлуката во врска со проектот за изградба на социјални објекти за Ромите од Старата касарна.
Поради неможноста да се обезбедат услови за продолжување на работата на Советот, претседателот Лазо Митев ја прекина седмата седница и го најави нејзиното продолжение за наредните денови.