Викендов во СОУ „Гошо Викентиев“ – Кочани се одржа државниот натпревар по роботика од First Lego лигата. На натпреварот учествуваа седумдесетина натпреварувачи распоредени во седум екипи и петнаесет ментори.

Натпреварот е во соработка со Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и истиот се организира секоја година низ повеќе од 100 земји низ светот.

-Овогодишната тема е „Карго конект“, односно решавање на предизвиците за иднината на транспортот на стока, преку креирање иновативни решенија за испорака на пакети и помош при катастрофи. Сето тоа е дел од проектните активности на ОН за одржлив развој, преку создавање одржлива инфраструктура – истакна Гордан Анастасов, претседател на македонската First Lego лига.

На државното првенство во FLL лигата екипата на MAK BOT PIONERS ја освои наградата за најдобар иновативен проект, во категоријата Основни вредности победија Smash Clan Tetovo, во категоријата Дизајн на робот најдобра беше екипата Superior Skopje, а во категоријата Роботска игра екипата SPASE WALKERS SKOPJE.  Победници на овогодинешниот натпревар е тимот Robo Mosquitos од Stem Robotika од Кочани. Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов кој беше присутен на настанот ги поздрави сите учесници, а на победниците им посака високи успеси на меѓународниот натпревар.