Со симболично фрлање неколку лопати бетон на спојот на улиците „Пиринска“ и „Ѓорче Петров“ се означи почетокот на градежните работи од проектот за асфалтирање на десет улици во Кочани и Оризари, кој ќе се реализира со заем од Светска банка.
– Овој проект го подготвувавме повеќе од 1 година. Изведувач е „Еуроинг“ од Гевгелија. Очекуваме дека со денешното формално поставување на камен-темелникот на улицата „Пиринска“ ќе отпочнат работите успешно и дека за наредните девет месеци ќе биде завршена задачата од страна на изведувачот и дека работите ќе завршат и предвреме, соопшти градоначалникот Ратко Димитровски.
Влатко Димитров, помошник-раководител на Секторот за управување со градежно земјиште во Општина Кочани соопшти дека улиците штo ќе се асфалтираат се со различна широчина во просек од 5 до 6 метри, плус тротоарска површина од еден до еден и пол метар.
Асфалтирањето на десетте улици ќе чини 54 милиони и 300 илјади денари. Се очекува по завршувањето на овие улици, остатокот од износот до 61,5 милиони денари да се потроши за другите три улици, што ќе зависи од квалитетот на извршената работа и почитувањето на роковите.
Рокот за враќање на парите од кредитот од Светска банка изнесува 10 години, со 3 години грејс период и 1,5 процент годишна камата. Со нив ќе се изградат и асфалтираат улици во вкупна должина од 3,9 км и тоа десниот и левиот крак на „Орце Николов“, „Февруарски поход“, „Ѓорче Петров“, „13 Македонска бригада“, „Димитар Лазаров“, „Македонска“, „Разловечко востание“ и „15 Македонски корпус“, „Пиринска“, „554“ во Прокарка и „Јанка Стоименова“ во Оризари.