Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов во саботата го посети првото новороденче во Кочани во 2022 година и неговата мајка Ивана Тасева.
Мајката Ивана на свет го донесе своето второ дете, ќерката Софија на Акушерското одделение при Општата болница со проширена дејност – Кочани.
-Породувањето помина во најдобар ред и се чувствувам добро. Сакам да се заблагодарам на персоналот на кочанската болница, на докторот Илчо Атанасовски и акушерките Милка Димитрова и Катерина Ефремова кои го извршија породувањето – истакна Ивана Тасева, мајката на новороденчето Софија.
Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов на посетата им посака многу здравје, среќа, со желби за среќно и убаво детство на новороденчето Софија.
-На првиот ден од новата година се роди новиот жител на Кочани. Во текот на минатата 2021 година во болницата имаше повеќе новородени за разлика од претходната 2020 година. Да се надеваме дека 2022 година ќе биде уште побериќетна и ќе ни донесе многу повеќе жители на град Кочани – истакна д-р Фонзи Јуруков.