Депонијата која деновиве константно чади, претставува сериозен проблем за населението, но и за службите кои се борат со нејзиното гасење и смирување. Имено, гасењето оди во отежнати услови, бидејќи во депонијата се наоѓа метан во поголеми количини.

При денешната посета на градската депонија од страна на градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов и директорот на КЈП „Вододвод“ – Кочани, Иван Иванов истакнаа дека од денеска е ангажирана специјализирана фирма за гасење ваков вид пожари и дека постојано се работи на терен.

-Повторно сме сведоци дека поради неодговорното однесување на поединци е предизвикан пожар во градската депонија. Во текот на денешниот ден поднесовме пријава до Министерството за внатрешни работи, бидејќи имаме основано сомневање дека се работи за подметнување на пожарот на повеќе места. Во текот на претходните денови извршивме подготвителни активности, заедно со механизацијата на КЈП „Водовод“ – Кочани и ТППЕ – Кочани и од денеска ангажиравме и специјализирана фирма за гасење на ваков вид пожари. Почнато е со дејствување, но бидејќи се работи за специфично гориво, односно метан, гаснењето ќе биде многу тешко и ќе одзема многу човечки ресурси, енергија и средства. Апелираме до надлежните органи да го истражат случајот и ваквите неодговорни граѓани кои предизвикуваат пожари бидат изнесени пред лицето на правдата – истакна Иван Иванов, директор на КЈП „Водовод“ – Кочани.