На 22 декември, во салата на Мултикултурниот центар, Советот на Општина Кочани ја одржа четвртата редовна седница, на чиј дневен ред се најдоа 32 точки.
Советот ги усвои критериумите за распределба на блок-дотации и предлог-финансиските планови на општинските основни и средни училишта за 2022 година; Предлог-финансискиот план на Библиотеката „Искра“; Предлог-локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите; Предлог-програмата за изменување на Програмата за изградба на системи за водоснабдување; Предлог-планот за изменување на Планот на програми за развој на општина Кочани за период 2021 – 2023; предлог-програмите за спроведување општи мерки за заштита на населението од заразни болести; за спорт; за млади; за култура; за поддршка на образованието и за остварување на социјална, детска и здравствена заштита 2022 година.
Поради извесни забелешки или потреба од и дополнувања, Советот не ги изгласа: Предлог-финансискиот план за 2022 година на Детската градинка „Павлина Велјанова“; предлог-програмите за комуникација; за изработката на урбанистички планови, урбанистичко-планска документација и урбанистичко-проектна документација; за управување со отпад; за заштита на животната средина; за информатичка и комуникациска технологија; предлог-програмите за активностите од областа на локалниот економски развој и за работа на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во општина Кочани.
Советот ги прифати и ги донесе и предлог-програмата за јавна чистота; за уредување и одржување на градското зеленило, набавка, поставување и одржување на урбана пограма, одржување детски игралишта и на фонтаната ,,Зрно“; Предлог-програмата за контрола на популацијата на бездомни кучиња; за работа на Територијалната противпожарна единица во општина Кочани за наредната година; за одржување на сливни решетки за атмосферска канализација; за одржување на локални патишта и улици на подрачјето на Општина Кочани во зимски услови за 2021/2022 година; Предлог-програмата за сообраќај, како и за работа на Советот на Општина Кочани.
Советот ја усвои предлог-одлуката за усвојување на ЛОД-методологијата, односно група документи и алатки за транспарентно финансирање на проекти на Граѓански организации во рамките на Регионалната програма за локална демократија 2 (ReLOaD2) и даде согласност за примање на донација во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“, кој се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации – UNDP, со финансиска поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка – SDC.
Петтата и последна седница за тековната година, Советот на Општина Кочани ќе ја одржи на 29 декември 2021 година, на чиј дневен ред ќе се најде предлог-буџетот на Општина Кочани за 2022 година.