Со цел да даде придонес во заштитата на животната средина и во максималното искористување на отпадот од пакување, Друштвото за управување со пакување и со отпад од пакување „Еко-пак хит“ – Кочани донираше контејнери и канти за отпад на Општина Кочани.
– Тринаесет мрежести и три пластични контејнери се распоредени во Лесна индустрија, а шест мрежести контејнери за собирање отпадна ПЕТ амбалажа и хартија се поставуваат на јавните површини во општината, соопшти Билјана Митева од „Еко-пак хит“.
„Еко-пак хит“ донираше и 19 метални канти за отпад, кои се поставени на повеќе локации во општината. Донациите се во бруто вредност од 454.890 денари.
Градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски истакна дека донацијата навидум е мала, но е многу значајна затоа што придонесува за јакнење на свеста за селектирање на отпадот.
– Контејнерите и кантите се поставени на локации каде што веќе постојните се преоптоварени, односно онаму каде што нивната потребна е најголема – информираше Љупчо Папазов, директор на КЈП „Водовод“ од Кочани.
Според Законот за управување со пакување и отпад од пакување, „Еко-пак хит“ како компанија која се занимава со управување со пакување и отпад од пакување во соработка со Општината се должни да воспостават интегриран систем за разделно собирање на отпадот од пакување.