Единаесет лица од Кочани потпишаа договор за ангажирање во проектот Општинско-корисна работа.
– Оваа година вклучуваме долгорочно невработени и лица од социјалните категории, кои ќе бидат вклучени во вршење работи од социјалната сфера односно социјалната заштита. Пет лица ќе помагаат на стари, измемоштени и хендикепирани лица во домашни услови, во селата Бели, Прибачево и во Кочани. Две лица ќе бидат вклучени во акцијата „На заборавеното да му дадеме душа“ во Центарот за донација, а едно лице ќе работи во народната кујна. Планираме да формираме и групи за предучилишно воспитување и едукација во селата Тркање, Оризари и во Кочани, информираше Аника Илијевска Ѓорѓиева, координаторка на проектот.
Ангажираните лица ќе работат 4 часа дневно и ќе добиваат бруто плата од 6.200 денари, а проектот ќе трае од јуни до крајот на ноември.
Општина Кочани по вторпат учествува во Општинско-корисна работа, проект финансиран од Програмата за развој на Обединетите нации и од Министерството за труд и социјална политика.