На свеченоста, која поради здравствената состојба ќе биде со ограничен број посетители, ќе бидат доделени највисоките општински награди – за значајни остварувања и за животно дело, на актерот Благој Веселинов и постхумно на културниот деец, режисер и собирач на народни умотворби Борис Стојчев.
По повод празникот, а како заокружување на четиригодишниот мандат, обраќање ќе има и градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
Во знак на благодарност за посветеност во работењето, за висок професионализам и поддршка во реализацијата на проекти, на поединци и на компании ќе им бидат доделени благодарници, признанија и плакети, а награди ќе им бидат врачени и на првенците на генерацијата од основните и средните училишта во Кочани.
На крајот на свеченоста, ќе биде прикажан филмот „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперкоски, во кој една од улогите ја толкува актерот Благој Веселинов.
По повод двата празника 7 Септември, Денот на ослободувањето на Кочани и 8 Септември, Денот на независноста на Македонија, делегации од Општина Кочани и од Сојузот на борците од НОВ ќе положат свежо цвеќе на спомен-бистите на Љупчо Сантов и Раде Кратовче и на Споменикот на Слободата.