Со полагање свежо цвеќе на Споменикот на Слободата и на спомен-бистите на Љупчо Сантов и Раде Кратовче во Паркот на Револуцијата започна одбележувањето на 77- годишнината од ослободувањето на Кочани.

– Помеѓу двата празника, работевме напорно на проекти со кои ги решававме проблемите на нашите сограѓани и се залагавме за концептот „Едно општество за сите“. Сметам дека само на тој начин можеме да ги надминуваме разликите и да придонесуваме за  поубав живот на сите граѓани во нашата општина. Се надевам дека оваа политика за рамномерен локален економски развој и за градење граѓанско општество за сите, ќе биде препознаена од мнозинството граѓани од општина Кочани, кои ќе продолжат да ја поддржуваат како единствено решение за одржлив и подинамичен развој на нашата локална заедница – изјави Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани, честитајќи ги двата големи празника 7 Септември – Денот на ослободувањето на Кочани и 8 Септември – Денот на независноста на Македонија.

Илијев истакна дека во рамките на реконструкцијата на Паркот на Револуцијата  се реконструирани и спомен-бистите на Љупчо Сантов и Раде Кратовче, каде е возобновена и мислата на Србо Ивановски: „Вие кренавте раце да бидат тие мост за вечноста што пред нас стои“.

Прославата ќе продолжи со свечена седница на Советот на Општина Кочани, на која ќе бидат доделени највисоките општински награди и признанија.