Советот на Општина Кочани ја одржа 60. редовна седница, на чиј дневен ред се најдоа 24 точки.
На седницата, Советот ги усвои полугодишните извештаи за извршувањето на Буџетот на Општината и за работењето на Комуналното јавно претпријатие, како и одлуката за измена и дополнување на Статутот на „Водовод“, со која се воведува нова шифра на дејност што се однесува на производство на компост во Пречистителната станица.
На 60. Седница беа донесени и одлуката за организирање општински линиски автобуски превоз и одлуката за утврдување на висината на надоместокот за користење на инфраструктурата на Градските гробишта од страна на фирми кои изработуваат надгробни споменици.
Советот на Општина Кочани донесе одлука за дополнување на Годишниот план за јавни набавки и ја утврди изградбата на пешачки мост на Кочанска Река кај Центарот за култура „Бели мугри“ за приоритетен проект.
Во рамки на 60. седница се разгледуваа и неколку прашања од областа на уредувањето на градежното земјиште и планирањето на просторот. Советот го донесе Деталниот урбанистички план за Градска четврт 16, со кој на површина од 56,18 хектари се утврдени шест класи на намени.
Членовите на Советот разгледуваа точки поврзани со организациската поставеност и работењето на Детската градинка „Павлина Велјанова“, но ги вратија на доработка правилниците за внатрешна организација и систематизација на работните места. Советот расправаше и по прашања поврзани со основањето на идното меѓуопштинскио претпријатие „Еко исток-североисток“ кое ќе стопанисува со Регионалната депонија за комунален отпад што треба да се гради кај Свети Николе. Основачи на тоа претпријатие се 18 општини од двата плански региона, а во управното тело, согласно бројот на жители на секоја општина, Кочани треба да има двајца претставници.