Физичките лица што вршат угостителска дејност од мал обем треба задолжително да се регистрираат во локалниот регистар. За разлика од трговските друштва и трговците поединци кои се запишуваат во Трговскиот регистар, физичките лица што вршат угостителска дејност се регистрираат во регистарот што го води градоначалникот на Општината.  Според законската регулатива се води Регистар на физички лица кои вршат угостителска дејност од мал обем, односно кои изнајмуваат до 10 соби или до 20 легла.

Физичките лица што вршат угостителска дејност од мал обем може да изнајмуваат куќи, апартмани, викендици и соби за одмор во индивидуални станбени објекти чиј сопственик е носител на правото на користење. Исто така може да изнајмуваат станови за одмор и соби во колективни станбени згради. Угостителска дејност од помал обем има и кога физичките лица вршат услуги во селски домаќинства со издавање соби и апартмани, чиј сопственик или носител на право на користење е член на селско домаќинство и тоа најмногу до 10 соби или 20 легла, а во селски домаќинства може да се подготвуваат и послужуваат топли и ладни јадења, пијалаци и напивки главно од сопствено производство, најмногу за 50 лица (излетници) истовремено.

Физичкото лице што е сопственик на сместувачки објект поднесува две барања: барање за упис во Регистарот на вршители на угостителска дејност од мал обем и барање за категоризација на објектот до Општина Кочани со што започнува процедурата за добивање на овие две  решенија.

Согласно Правилникот, Комисија за категоризација го разгледува барањето, доаѓа до сместувачкиот објект од мал обем и ги утврдува минимално-техничките услови и го изготвува решението за извршена категоризација, кое му се дава на подносителот во рок од 7 дена.

Давателот на угостителските услуги е должен да води евиденција за престојот на гостите во својот сместувачки капацитет во книга за домашни односно странски гости.

Целта на оваа евиденција е да се направи база на податоци за сместувачките капацитети од мал обем во општина Кочани и да се овозоможи нивна што поголема достапност до гостите и туристите што бараат ваков вид угостителски услуги. Од друга страна, само  лицата евидентирани во локалниот регистар за угостителска дејност од мал обем можат да конкурираат кај европските фондови за добивање неповратни средства за развој на туризмот.