Кочанските пожарникари го одбележаа 20 мај – Меѓународниот ден на пожарникарите.
Во присуство на поранешни колеги, претставници од Локалната самоуправа и од други институции, командирот на Територијалната противпожарна единица – Кочани, Дејанчо Арсов, го претстави новото теренско возило, со кое од неодамна е збогатен возниот парк.
– ТППЕ- Кочани го збогати својот возен парк со новото теренско возило „тојота хилукс“, наменето за почетни интервенции на пожари или пак на технички интервенции – опожарување на патнички моторни возила. Возилото е донација од Дирекцијата за заштита и спасување, соопшти Арсов.
Првиот пожарникар на Кочани го нагласи опаѓачкиот тренд на противпожарните интервенции.
– Почнувајќи од 1 јануари годинава до сега имаме 89 интервенции, а најголемиот дел од нив се технички, затоа што уште кога беше зимскиот период фатија големите поплави во нашиот регион и сѐ уште се бориме со подземните води што се јавуваат во одредени населени места, посебно во Чешиново-Облешево. Имавме намалување на интеревенции на објекти, но зголемување на опожарувањето на оџаци коишто и покрај честите апели за навремено чистење на димоводите, кај дел од населението сѐ уште преовладува стихијноста, па затоа тие интервенции се најчести во зимскиот период – рече Арсов.