В понеделник, на 25 мај, во 20 ч., на сцената во Центарот за култура „Бели мугри“ свечено ќе биде отворено 51 издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија.

По поздравното слово од градот домаќин и фестивалската управа, ДАФ ќе го отвори претставата „Недоразбирање во d-moll“ на литературни клубови и драмски секции при кумановската гимназија „Гоце Делчев“, по текст и во режија на Давид Јовановиќ.

На првата фестивалска вечер ќе биде прикажана и претставата „На клупата“, работена на текст на Трајче Кацаров, во режија на Глигор Цветковски. На сцената во Кочани ќе настапат аматерите од Драмското студио при Центарот за култура од Крива Паланка.

Според изборот што го направи селекторот на ДАФ, Ѕвездана Ангеловска, годинава ќе има солидна театарска програма во која ќе учествуваат 14 драмски групи.

Учесниците кои доаѓаат од Скопје, Битола, Вевчани, Штип, Кичево, Велес, Виница, Прилеп, ќе изведат текстови претежно од домашни автори. Публиката на ДАФ ќе има можност да ја види и изведбата под наслов „Бетон Махала“ на Tеатарската аматерска група од Нови Пазар, Република Србија.

На овогодишниот ДАФ е планирана и промоција на монографијата „Вертикали“ од театарскиот критичар Иван Ивановски.

Одлуката на жирито, кое годинава е во состав Драгана Стојчевска, Милош Андоновски и Ангелчо Илиевски, ќе биде соопштена в сабота, на 30 мај во 20 ч., а во чест на наградените, Драмската работилница при Здружението на пензионери од Куманово ќе ја изведе претставата „Сомнително лице“ во режија на Лазар Ѓорѓевиќ.