Шефот на канцеларијата на Светска банка во Македонија, Горан Тињиќ ја посети Општина Кочани и оствари работна средба со градоначалникот Ратко Димитровски.
– Разговараме за реализираните проекти со Светска банка и за оние што претстојат. Имавме мошне конструктивна дискусија посебно во делот на приоритетите на Општина Кочани и очекувам од овој состанок да имаме обострана корист и Општина Кочани да биде понатаму вклучена во искористувањето на оние средства што ги нуди Светска банка, изјави по состанокот Димитровски.
– Ова е моја прва посета на општина во Македонија. Со градоначалникот на Кочани разговаравме за вложувањата во локалната инфраструктурата, за идните вложувања, за тоа кои се приоритетите во патната и водоводната инфрасруктура, а посебно за вложувањата што ќе ја намалат сиромаштијата во деловите каде што таа е посебно изразена. Тоа се дел од приоритетите на Светска банка во Македонија и ние се радуваме што ќе можеме да соработуваме со Општина Кочани и со другите општини во Македонија, соопшти Горан Тињиќ, шеф на канцеларијата на Светска банка во Македонија.