Градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски и претставниците од образовните институции во Средното општинско училиште „Гошо Викентиев“ одржаа редовен работен состанок.

На дневен ред се најдоа уписите на учениците во прво одделение во основните општински училишта; подготвеноста на средните училишта за уписот на новите средношколци; тековните состојби во Детската градинка „Павлина Велјанова“ и во Библиотеката „Искра“, како и подготвеноста на училиштата за екстерно тестирање.

– На половина сме од уписниот рок за првачињата, упатени се покани до идните ученици и нивниот конечен број ќе го знаеме на крајот на мај – соопшти по состанокот градоначалникот Димитровски.

Во врска со уписите во средните училишта, Димче Сребренов, директор на СОУ „Гошо Викентиев“ истакна дека тие веќе се претставиле во сите основни училишта во Кочанско, биле дистрибуирани летоци и поставени билборди. Сребренов истакна дека оваа година учекува уписите во техничкото училиште да поминат успешно.