Во поздравното обраќање до публиката, актерот Благој Веселинов – селектор на овогодишниот ДАФ, го истакна значењето на драмскиот аматеризам и влогот на Кочани во културниот растеж на македонската театарска сцена.
– Ние, како раководство на Локалната самоуправа ќе настојуваме да изнајдеме формат со кој ќе го осигуриме функционирањето на ДАФ и за следните 45 години. Но, поддршката од државниот буџет ќе му даде додадена вредност на фестивалот и ќе го издигне на потребниот културен пиедестал. Само заедничката грижа за ДАФ од централно и локално ниво, вклученоста на професионални, стручни, чесни и одговорни лица – квалитети кои ги поседува сегашното раководство на ДАФ, ќе овозможи негов раст, подем, стабилна егзистенција и одржливост – рече во своето обраќање Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Фестивалот започна со претставата „На отворено“ од Театар Комедија, во режија на Андреј Цветановски, а ќе трае до 25 мај.
Репертоарот на ДАФ годинава вклучува десет настани, од кои пет се театарски претстави, еден видеотеатар, а другите се придружни, поетски содржини кои ќе се одржат во Паркот на Револуцијата, Фоајето, западната и северната страна на Центарот за култура „Бели мугри“.